Пет години затворска казна за руска педијатарка

Надежда Бујанова пред судот во Москва во мај

Руска педијатарка е осудена на пет години затвор под обвинение за ширење на таканаречените лажни вести за руската војска, откако мајката на пациент ја обвини дека дава антивоени коментари.

Откако судијата во окружниот суд Тушино во Москва на 12 ноември ја осуди Надежда Бујанова, која ги негираше наводните коментари, десетици луѓе во судницата извикуваа „Срам!“ и изразија солидарност со докторката.

Случајот го нагласува растечкиот тренд на Русите да пријавуваат други Руси за давање антивоени изјави додека целосната инвазија на Кремљ врз соседна Украина се приближува до својот 33-ти месец.

Според ОВД-Инфо , најмалку 1.057 лица се соочиле со кривично гонење за давање коментари за кои се смета дека се против војната, додека најмалку 20.061 се приведени за антивоени протести.

Случајот против Бујанова е покренат по жалба од Анастасија Акиншина, мајка од Москва која го донела својот 7-годишен син на преглед.

Бујанова за време на закажаниот преглед наводно забележала дека детето се однесува нервозно.

Видете и ова: Руска педијатарка се соочува со затвор за антивоени коментари пред пациент

Кога Акиншина објаснила дека нејзиниот син се борел со траумата од губењето на својот татко, руски војник убиен во војната во Украина, се вели дека Бујанова го нарекувала починатиот татко како „легитимна воена цел“ пред детето.

Таквата забелешка, според Акиншина, била главниот поттик да поднесе жалба до органите на прогонот.

Бујанова негираше дека дала таква изјава и инсистираше на тоа дека не разговарала за војската или за таткото на момчето со Акиншина за време на прегледот. Педијатарката тврди дека е жртва на лажно обвинение.

Бујанова беше отпуштена од работата по жалбата и оттогаш се бори за враќање на работното место. Судот пресуди во нејзина корист во јули, барајќи таа да биде вратена на нејзината позиција во медицинската клиника.

Случајот го привлече вниманието на групите за заштита на човекови права и медиумите, особено поради зголемениот број правни дејствија според рускиот закон за „лажни вести“, кој се повеќе се користи за замолчување на критичарите на Владата и нејзините воени дејствија поврзани со војната во Украина.

Критичарите тврдат дека законот е дел од пошироката шема на репресија дизајнирана да го задуши несогласувањето и да го контролира јавниот дискурс во врска со акциите на Русија во Украина.