Првиот човек на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран од функцијата смета дека врз него се врши притисок.
Го посочи републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој според него има цел да се влијае на актуелни предмети, меѓу кои и оној за бонусите на поранешните обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Вчера Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека против Хајрулахи е отворена истрага. Го товари дека извршил малтретирање во вршење на службата и за злоупотреба на службената положба и овластување.
Тој пак на прес-конференција раскажа своја верзија на настаните.
Видете и ова: Суспензија и истражна постапка против вишиот јавен обвинител Мустафа ХајрулахиСпротивно на соопштението од Јавното обвинителство дека кривичната пријава за малтретирање е поднесена од вработени од неговото матично обвинителство, Хајрулахи се сомнева дека е поднесена од сегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.
Смета дека требало да биде отстранет од функцијата и замолчен за да биде пример за заплашување и за останатите колеги.
Сепак потврди дека одлуката за негово оддалечување од функцијата му е соопштена со образложение дека против него се води кривична истрага во Основното јавно обвинителство Штип.
„ Пред извесно време, односно на 19 септември, републичкиот јавен обвинител ме повика кај него во канцеларија и ми рече дека по однос на предметот за бонусите на СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека не треба да се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, рече Хајрулахи.
Инаку во јули беше објавено дека Ислам Абази кој е прв човек на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО.
Истрагата беше поврзана со случајот во кој тогашната шефица на СЈО Катица Јанева им делела бонуси за доверливост на обвинителите кои се на страна од платата, со што, според пријавата на партијата, бил оштетен Буџетот за над 4,5 милиони евра.
На ваквата одлука ВМРО-ДПМНЕ поднела жалба.
Хајрулахи вели дека одбил да постапи по укажувањата на републичкиот јавен обвинител, со образложение дека не би се дрзнал да му наредува на јавниот обвинител кој постапува по предметот да носи каква било одлука што е по нарачка.
Според него по ова почнал надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, процес кој, како што кажа, бил спорен бидејќи од тројцата јавни обвинители, двајца „по редот на нештата и по сила на законот“ не би требало да учествуваат во вршењето на надзорот.
Од надзорот се уште нема извештај, иако се изминати предвидените 30 дена од неговото спроведување, рок во кој според Законот за јавно обвинителство извештајот веќе требало да биде предаден. Инаку тој во јавноста беше актуелен изминатите денови откако се појави снимка за која тврдеше дека се гледа како новинарка добива доверлив материјал од обвинителството. На ова реагираа Здружението на новинарите, но тој вели дека бил изваден од контекст.
Според него целото внимание е пренасочено и се дала сосема друга насока на целиот настан, од она што тој сакал да го посочи, а тоа е дека ќерката на републичкиот јавен обвинител изнесува податоци од кабинетот на обвинителот.
„Навистина длабоко жалам за сето тоа што се случи. Фамата, околу тоа кој ја снимал новинарката. Новинарката, тоа ѝ е работа, и тоа е легитимно, таа да седне со кого било. Но, не е легитимно од страна на републички јавен обвинител преку неговата ќерка да изнесува информации во јавноста“, рече Хајрулахи.
Истакна дека ако го сокриел сето тоа тој како обвинител ќе бил дел од тие што незаконито постапуваат.