Укази за отповикување на седум амбасадори од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова објавија во последниот број на Службен весник од 11 ноември.
Станува збор за вонредни и ополномоштени амбасадори во пет земји и две организации. Меѓу нив е и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО со седиште во Брисел, Дане Талески, кој според одлуката ќе остане амбасадор до 15 јануари 2025, додека на останатите шестмина мандатот ќе им заврши на 30 ноември годинава.
Од 1 декември престанува мандатот на Теута Агаи Демјаха, која е шефица на постојната мисија на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации во Женева.
Меѓу останатите отповикани амбасадори е и Данчо Марковски во Албанија. Тој изминатиот период беше повикан на разговор од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во однос на активностите на македонската дипломатија во врска со пописот на населението што беше спроведен во Албанија.
Укази за отповикување има и за амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова, потоа Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и Шабан Јашари кој е амбасадор во Катар со седиште во Доха.
Видете и ова: Ќе бидат ли вратени амбасадорите што не беа „сослушани“ во Собранието?Од кабинетот на Сиљановска Давкова велат дека им завршил мандатот.
„Објавените укази од претседателката се дел од стандардната законска процедура со која се констатира завршувањето на мандатот по навршени 4 години од упатувањето согласно член 44 од Законот за надворешни работи. По објавувањето на указите МНР и НТ ги известува амбасадорите за објавениот указ и се започнува постапка за нивно враќање во земјата“, велат од кабинетот на Претседателката.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека наскоро ќе почне процес на именување на нови амбасадори на местата на оние кои со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се отповикани поради завршување на мандат.
Според Муцунски приоритет при именувањето на нови амбасадори е позицијата во НАТО бидејќи мандатот на Дане Талески завршува веднаш по новогодишните празници.
Муцунски на новинарското прашање до каде е постапката за тројцата амбасадори Љубомир Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди кои беа повикани на консултации, одговори дека за Фрчкоски дека е амбасадор во оставка.
„Во врска со амбасадорите Жерновски и Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидат информирани кога ќе завршат тие процедури“, одговори Муцунски.
Радио Слободна Европа веќе пишуваше дека постои можност за враќање и на други амбасадори кои пред да бидат испратени во земјата домаќин не беа „сослушани“ во Комисијата за надворешна политика во Собранието.
Оваа опција се отвори откако пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ покренаа постапка за автентично толкување на Законот за надворешни работи со цел да се добие мислење дали бранењето на тези пред пратениците е задолжително или не.
„Јас лично сакам да се протолкува ова прашање бидејќи сметам дека со тоа што амбасадори се испраќаа без да ги бранат тезите пред пратениците, не е испочитуван Законот за надворешни работи“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски за Радио Слободна Европа.
Доколку и собранискиот пленум е на истиот став, пратениците најавија дека би побарале од МНР да ги отповика тие амбасадори. Меѓутоа, автентично толкување сè уште не е дадено од Собранието.