Калас: Можеме да ја надминеме секоја закана ако останеме обединети

Каја Калас

Кандидатката за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска (12 ноември) на сослушувањето пред пратениците во Европскиот парламент изјави дека се потребни јасни резултати во следните пет години кога станува збор за проширувањето на ЕУ и таа рече дека тесно ќе соработува со комесарот за проширување за да се постигне таа цел.

Во своето воведно обраќање, за време на сослушувањето пред Комисијата за надворешни работи на ЕП, Калас рече дека проблемите на соседите на ЕУ денес се проблеми на ЕУ утре.

„За повеќето од нашите соседи, Европската Унија има силна привлечна моќ, од Западен Балкан до Украина. ЕУ за мене е пред сè слобода“, истакна Калас во воведниот говор.

Видете и ова: Естонската премиерка Каја Калас поднесе оставка од функцијата

Калас додаде дека следните пет години нема да бидат лесни и ги истакна војните во Украина и на Блискиот Исток, подемот на авторитарни режими ширум светот, како и обидите на Русија, Кина, Северна Кореја и Иран да го променат меѓународниот поредок.

„Мора да бидеме свесни за заканите и соодветно да одговориме. Победата на Украина е многу важна за нас, ЕУ е обединета во повикот за итен прекин на огнот на Блискиот исток и за безусловно ослободување на сите заложници (што ги држи Хамас), за решение со две држави“, рече Калас.

Инаку Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

Според неа, во однос на Кина, неопходно е да се надмине трговскиот дисбаланс и да се работи со Пекинг за намалување на помошта за Москва во војната во Украина.

„Не можеме да прифатиме Кина, Русија, Иран и Северна Кореја да произведуваат повеќе муниција од нас, инсистира Калас и повика на зголемување на можностите на европскиот воено индустриски комплекс.