Србија не се усогласи со одлуките на ЕУ за продолжување на рестрикциите во Придњестровје

Поглед на главниот град Тираспол, проруски сепаратистички регион во Молдавија, 23 февруари 2023

Србија се усогласи со одлуките на Советот на Европската Унија во однос на рестриктивните мерки поврзани со Бурма, Нигер, Гвинеја, Конго и Судан, но не и мерките поврзани со ситуацијата во Молдавија.

Во изјавите на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, се потврдува дека Србија, покрај другите земји од регионот, ги усогласила одлуките поврзани со продолжување на рестриктивните мерки на Европската Унијата поради ситуацијата во Бурма, Нигер, Гвинеја и Судан, и со одлуката за бришење на два субјекти од листата на физички или правни лица, субјекти и органи поврзани со Конго.

Сепак, Србија не се усогласи со одлуката на Советот за продолжување на рестриктивните мерки против раководството на регионот Придњестровје на Република Молдавија до следната година.

Придњестровје е тесен појас на земја помеѓу реката Дњестар и украинската граница, која се отцепи од Молдавија во 1990 година.

Меѓународната заедница не ја признава нејзината самопрогласена државност, која има економска, политичка и воена поддршка од Русија.

Видете и ова: Борел: Со неусвојувањето санкции против Русија, Србија ризикува полноправно членство во ЕУ

Во 2022 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа усвои резолуција со која се дефинира територијата како под воена окупација на Русија.

Во 2008 година, ЕУ воведе рестриктивни мерки против раководството на регионот Придњестровје на Република Молдавија. Овие мерки редовно се продолжуваат за една година.

Србија е единствената земја во регионот која не се усогласила со одлука за рестриктивни мерки против Русија или други мерки индиректно поврзани со Русија.

Земјата е кандидат за полноправно членство во ЕУ. Сепак, пристапните преговори засега се неформално замрзнати поради одбивањето на властите во Белград да ги почитуваат санкциите против Русија, кои ЕУ ги воведе од 2022 година како одговор на војната во Украина.

Претставниците на Брисел редовно бараат од српското раководство да се придржува кон надворешно-политичките одлуки на ЕУ.