Три деца и мајка загинаа во руски напад на Криви Рих

Руски ракетен напад врз петкатна зграда во Криви Рих, Украина, 11 ноември 2024

Во рускиот ракетен напад врз Криви Рих доцна во понеделникот (11 ноември) загинаа мајка и нејзините три деца, објави утрината гувернерот на овој град во централна Украина, Олександр Вилкул.

Телата на четири жртви биле извлечени од урнатините од спасувачки тим откако балистичка ракета погоди петкатница во градот.

Видете и ова: ЕУ испорача повеќе од 980.000 гранати во Украина

Во меѓувреме, напад на украинско беспилотно летало запали складиште за гориво во Стари Оскол, град во руската област Белгород, на околу 100 километри од украинската граница.

Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков на Телеграм изјави дека нема извештаи за жртви.

Во исто време, руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 13 украински беспилотни летала, од кои девет во Белгород, два во Брјанск и два во областа Курск.