Во услови на непостоење на системски пристап во државата, УКИМ се залага да ги подобри научно-истражувачките перформанси преку искористување на Европските фондови за наука, изјави ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Билјана Ангеловска, по повод 10 ноември, Светскиот ден на науката за мир и развој.
Ангеловска во своето обраќање истакна дека заложбите на УКИМ во изминатиот период се подобрување на позициите во однос на светските ранг листи за рангирање на универзитетите, но за тоа, како што рече, неопходен е систематски пристап со конзистенти политики на државата кон науката и препознавање на значењето на истражувањето и иновациите.
„За да се постигне подобрување на резултатите при рангирањето, неопходен е систематски пристап со конзистентни политики на државата кон науката и препознавање на значењето на истражувањето и иновациите, како импакт во економскиот развој на едно општество. Систематски пристап кон науката и истражувањето значи зголемување на буџетот за финансирање на науката и високото образование, како и следење и валоризирање на резултатите од научниот кадар базирани на универзалните светски метрики за мерење на научните резултати, вели Ангеловска.
Видете и ова: Универзитетите губат студенти, расте бројот на професориРекторката изјави дека УКИМ ја подобрува истражувачката инфраструктура и научно-истражувачката работа преку искористување на Европските фондови за наука. Во периодот 2021-2027 година, државните институции кои се вклучени до овие активности, искористиле околу 10 милиони евра, од кои УКИМ е носител на близу 60 отсто од тие фондови.
Според анализите на одобрените проекти на програмите на Европската комисија, ректорката вели процентот на успешност на УКИМ е околу 15 проценти, што според статистиките за успешност на Европската унија е над просекот, за кој рече изнесува 10 проценти.
Во рамки на Универзитетот, додаде, ќе биде формиран колаборативен Центар за отворена наука кој ќе го олесни интегрирањето во европскиот истражувачки простор. Со формирањето на Центарот за отворена наука, УКИМ ќе стане дел од мрежата на центри на компетенција за отворена наука низ цела Европа.
На денешниот Светски ден на науката за мир и развој, УКИМ додели награди и признанија на своите најдобри научници.
Наградата за најдобар научник од природно-математичкото подрачје беше доделена на Даниел Галинов, наградата за најдобар научник од техничко-технолошкото подрачје на Димитар Трајанов, од медицинските науки на Андреј Николовски, во подрачјето на ветеринарните науки на Александар Узунов, од општествените науки на Александар Стојков, додека пак, во категоријата најдобар уметник на годината на професорката од Драмскиот факултет во Скопје, Зоја Бузалковска.