Политички дискусии за поплавите по реконструкцијата, изјави премиерот на Шпанија

Шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во Мадрид, 5 ноември 2024 година.

Времето за „политички дискусии“ ќе дојде по реконструкцијата, изјави во понеделникот шпанскиот премиер Педро Санчез, два дена по масовните протести во Валенсија поради лошиот одговор на владата на разорните поплави.

„Владата го прави тоа што треба, а ние треба да се обновиме по оваа трагедија и да ја рестартираме економијата и општествената дејност“, рече шефот на социјалистичката влада на прес-конференцијата.

„Подоцна, политичката дебата ќе се фокусира на прашањата што треба да се подобрат во однос на оваа климатска криза и, без сомнение, во однос на преземањето на политичките одговорности кои, се разбира, ќе треба да се оправдаат“, продолжи тој.

Видете и ова: Шпанците бараат оставки поради бавниот одговор на владата на поплавите

Санчез најави и дополнителни мерки од 3,76 милијарди евра за обнова на Валенсија по најсмртоносните поплави во модерната историја на Шпанија.

Повеќе од 220 лица загинаа, а 32 се водат како исчезнати по обилните дождови кои предизвикаа поплави во предградијата јужно од регионалниот главен град Валенсија на 29 октомври, соопштија властите.

Минатата недела веќе беше најавена помош од 10,6 милијарди евра.

„Има уште улици што треба да се исчистат, гаражи што треба да се исцедат, има многу инфраструктура што треба да се санира и, згора на тоа, многу животи, многу домови и многу работни места што треба да се обноват“ изјави Санчез пред новинарите.

Делови од шпанскиот регион Валенсија, кој пред речиси две недели беше погоден од обилни дождови и поплави, се враќаат во нормалното секојдневие. Во понеделникот се отворија 47 училишта, објави регионалната власт на мрежата Х.

Напорите за спасување и расчистување продолжија во 80-те најтешко погодени општини околу регионалниот главен град, со помош на речиси 20.000 полицајци, војници и волонтери.

Државната метеоролошка служба прогнозираше продолжување на врнежите во регионот на Валенсија, а од вторник пообилни врнежи од дожд во Каталонија околу Барселона на североистокот од земјата и на Балеарските острови во Средоземното Море.