Суспензија и истражна постапка против вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи

Обвинителство

Основното јавно обвинителство - Штип информира дека донело наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.

„Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување“, информираат од ЈОРСМ.

Во соопштението се наведува дека по приемот на известувањето за поведена истрага, Јавниот обвинител донел одлука за суспензија од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него.

Видете и ова: Коцевски: Неосновани се тврдењата за наводно мешање во предмет

Како што наведува државната новинска агенција МИА, станува збор за обвинителот Мустафа Хајрулахи, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, кој исто така е и суспендиран од функцијата.

Претходно, Хајрулахи обвини за наводни притисоци во работењето од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за што го информирал и Советот на Јавни обвинители.

Државниот јавен обвинител, во соопштение од медиумите, ги отфрли наводите, нагласувајќи дека има обврска, првпат после повеќе од четири години, да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство.