Вучиќ: Србија ќе се обиде да изгради гасна централа со Азербејџан

Александар Вучиќ - претседател на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорот со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, најави дека Србија и Азербејџан ќе се обидат да изградат гасна централа на југот на Србија, јавува Радио телевизија на Србија (РТС).

„Ќе се обидеме да изградиме гасна централа околу Ниш бидејќи на југот на Србија веќе имаме проблеми со снабдувањето со електрична енергија“, рече Вучиќ на самитот за климатски промени COP-29 што го организираа Обединетите нации во главниот град на Азербејџан Баку.

Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм напиша дека со Алијев разговарал за соработката меѓу Србија и Азербејџан „што се рефлектира во бројни заеднички инфраструктурни проекти“.

„Го очекувам претседателот Алиев повторно во Белград следната година“, рече Вучиќ, пренесува РТС.

Видете и ова: Вучиќ со чешкиот премиер за литиумот, нуклеарната енергија и ЕУ

Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ во септември најави дека во текот на претстојната зима Србија ќе може да смета на безбедни испораки на околу еден милион кубни метри гас од Азербејџан, што ќе ја зголеми енергетската безбедност на Србија.

Србија има развиено соработка со Азербејџан во областа на енергетиката, а кон таа земја се сврте по руската инвазија на Украина, која ја исполни целосно зависна од рускиот гас.

Азербејџанскиот гас се доставува до Србија преку нов гасовод до Бугарија, кој делумно е финансиран од Европската унија (ЕУ). Гасоводот беше пуштен во пробна работа во декември 2023 година.