Европската унија и достави на Украина повеќе од 980.000 гранати, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Тој за украинскиот весник „Европска правда“ изјави дека целта за испорака на вкупно еден милион гранати ќе биде постигната „многу брзо“.
„Знам дека се обврзавме да го достигнеме ова ниво до пролет - и не успеавме. Но, можеме да го направиме тоа до крајот на годината“, додаде тој, според Ројтерс.
Борел беше во Киев на 9 ноември. Целта на посетата беше да се убеди Украина во поддршката на Брисел.
Тоа е прва посета на висок европски функционер по победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
Видете и ова: Борел во ненадејна посета на Киев, додека руските напади продолжуваатПобедата на Трамп ги загрижува Украина и Европа, кои стравуваат дека новиот американски претседател ќе ја прекине поддршката на Вашингтон за Киев во борбата против руската инвазија, пренесува Франс прес.
„Пораката е јасна. Европејците ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече Борел, кој се очекува да ја напушти функцијата во декември.
„Ја поддржуваме Украина од почетокот, а за мојата последна посета на Украина ја пренесувам истата порака. Ќе ве поддржиме колку што можеме“, рече Борел на 9 ноември.
За време на изборната кампања, Трамп го доведе во прашање продолжувањето на големата американска воена и финансиска помош за Украина и рече дека може брзо да постигне договор за ставање крај на војната.
„Никој не знае што точно ќе направи новата (американска) администрација“, рече Борел, истакнувајќи дека претседателот во заминување Џо Бајден има уште два месеци да донесе одлуки.
Борел додаде дека ЕУ треба да ја искористи оваа можност за да изгради посилна и обединета Европа и да ја поддржи Украина.
Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, Европа потрошила околу 125 милијарди долари за поддршка на Украина, додека САД издвоиле повеќе од 90 милијарди долари, според студијата на Институтот во Кил.