AA на Села ја оспори легитимноста на конгресот на Таравари

Ремзи Мехмеди

Потпретседател на партијата Алијанса за Албанците (АА) на претседателот Зиадин Села, Ремзи Мехмеди на прес-конферецијата пред Основниот суд во Тетово го оспори вчерашното одржување на вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците со претседател Арбен Таравари и тоа го нарече обид за манипулација.

„Вчера (10 ноември) немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен, ниту вонреден, туку обичен спектакл ала Тараварче, срамна фарса со цел да се манипулира со јавноста. Правата, обврските и правилата на однесување во рамките на Алијансата за Албанците се запишани во Статутот на Алијансата за Албанците. За да може вчерашната партија да се нарече конгрес, учесниците требаше да имаат конгресни делегати избрани на редовниот конгрес на АА во 2022 година и кои се регистрирани во Основниот суд Тетово, чиј мандат според статут трае четири години, односно до 2026 година. За да се нарече редовен, одлуката за прогласување на редовен Конгресот ја носи партиското собрание и таква одлука нема. За да бидат наречен вонреден, делегатите кои се делегирани и назначени од членството на АА мора повторно да бидат повикани. Вчера немаше партиски делегати, но имаше луѓе, дури и од други партии, од кои голем дел се бореа со дух и буква против Алијансата за Албанците, никогаш не биле нејзини членови и нема да бидат“, истакна Ремзи Мехмеди.

Видете и ова: Апелација ја прифати жалбата на Таравари и го врати предметот на повторно судење

Според него со оглед на тоа што нема правосилна судска одлука, конгресот се одржува со мнозинство од пријавените делегати во судот од последниот официјален и легитимен конгрес.

Инаку со усвојување Декларација за политичко дејствување, Алијансата за Албанците (АА) на претседателот Арбен Таравари синоќа (10 ноември) во Тетово го заврши петтиот вонреден конгрес.

Како што изјави Таравари, декларацијата е надоградување на постојната од 2022 година и ќе биде политички патоказ до 2026 година. Според Таравари, промените се потребни зашто сега партијата е дел од власта. На конгресот едногласно било избрано и Централното собрание на партијата.