Сирски: Русите напредуваат кон Курск додека Москва ги напаѓа украинските градови

Генерал полковник Олександр Сирски

Русија распоредува десетици илјади војници во Курск, каде што се обидува да ја врати контролата врз територијата изгубена од украинските сили по нивниот упад во рускиот регион летово, изјави највисокиот воен командант на Украина на 11 ноември.

„Следејќи ги наредбите на нивното воено раководство, тие се обидуваат да ги преместат нашите војници и да напредуваат длабоко на територијата што ја контролираме“, напиша украинскиот генерал полковник Олександр Сирски на социјалните мрежи, и додаде:

„Да не беше издржливоста на нашите војници, овие десетици илјадници непријатели од најдобрите руски единици би ги нападнале нашите позиции“.

Украинските сили во август започнаа неочекуван упад во Курск, кој граничи со Украина, заземајќи неколку населени места и зајакнувајќи ги нивните позиции во првото такво распоредување на руска територија откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Според украинската војска, нејзините сили презеле контрола на околу 1000 квадратни километри руска територија од август, а Москва признала дека 28 населени места биле под украинска контрола.

Видете и ова: Зеленски: Во Курскиот регион се распоредени 11000 севернокорејски војници

Сирски на 9 ноември ги потврди извештаите дека илјадници севернокорејски војници се собираат заедно со руските сили во Курск, најверојатно во подготовка на контраофанзива.

„Имаме бројни податоци за подготовката на севернокорејските војници да учествуваат во борбите на страната на руските војници“, напиша Сирски на Фејсбук по телефонскиот разговор со генералот Кристофер Каволи, кој ја предводи Европската команда на САД.

Тој рече дека му рекол на Каволи дека ситуацијата „останува предизвикувачка и покажува знаци на ескалација“.

Украинските вооружени сили на исток се соочуваат со остра руска офанзива која напредуваше постепено и покрај огромните загуби на страната на Москва.

Видете и ова: Поранешен севернокорејски војник вели дека трупите „не се подготвени“ за борба против Украина

Според проценката на началникот на британскиот одбранбен штаб Тони Радакин, во октомври во просек биле убиени или повредени дневно по околу 1500 руски војници - најлошиот месец во Русија по жртви од почетокот на инвазијата.

Во меѓувреме, Русија продолжи да ги удира украинските градови и енергетската инфраструктура на почетокот на зимската сезона за цивилното население во Украина, кое во претходните години се соочуваше со недостиг на енергија.