Приведени демонстранти во Куба по протестите за проблемите со струјата

Кубанската влада соопшти дека уапсила неколку лица кои организирале протести откако ураганот го остави островот без струја по втор пат во последните неколку недели. Во Куба под комунистичка власт уличните протести се ретки, пишува новинската агенција Франс прес.

Обвинителството соопшти дека лицата уапсени во Хавана и централните провинции се обвинети за напад, јавен неред и оштетување на имотот.

Ураганот Рафаел предизвика дефекти во снабдувањето со струја во средата откако го погоди западниот дел на карипскиот остров со десет милиони луѓе како голема бура од трета категорија.

Пред само две недели, ураганот Оскар уби осум лица на истокот од островот за време на прекин на електричната енергија во земјата поради дефект на најголемата електрана на островот и недостиг на гориво.

Владата соопшти дека половина од граѓаните на Хавана повторно имаат електрична енергија, но повеќето од главниот град и соседните провинции немаат.

Видете и ова: Трет колапс на електричната мрежа во Куба за три дена

Организацијата за заштита на човекови права „Јустуција “ соопшти дека над десет луѓе се приведени во предградието на Хавана.

„Прогонот на луѓето во главниот град продолжува“, напишаа тие на платформата X, додавајќи дека уапсените мирно протестираат.

Куба со месеци страда од повеќечасовни прекини на струја и се наоѓа во средина на најтешка економска криза од распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти, обележана со зголемената инфлација и недостиг на основни производи.

Електричната енергија на островот се произведува од осум застарени електрани на јаглен, од кои некои се расипаа, како и седум електрани изнајмени од турски фирми и голем број дизел генератори.