Украински дронови предизвикаа привремено затворање на три аеродроми во Москва

Луѓето ги чистат остатоците во училницата на училиштето оштетено како резултат на рускиот напад во Одеса на 8 ноември 2024 година, среде руската инвазија во Украина.

Украина лансираше десетици беспилотни летала насочени кон Москва, принудувајќи привремено затворање на три аеродроми во главниот град, соопштија руските власти на 10 ноември.

Градоначалникот Сергеј Собјанин рече дека Русија соборила 32 украински беспилотни летала насочени кон Москва во текот на ноќта и утрото на 10 ноември, во еден од најголемите напади врз градот откако силите на Кремљ ја нападнаа Украина во 2022 година.

„Според прелиминарните информации, нема штета или жртви на местото на падот на урнатините. Службите за итни случаи се на местото“, напиша Собјанин на апликацијата за пораки Телеграм.

Видете и ова: Борел во ненадејна посета на Киев, додека руските напади продолжуваат

Руската федерална агенција за воздушен транспорт, објави дека аеродромите Шереметјево, Домодедово и Жуково привремено ги прекинале операциите „за да се осигура безбедноста на летовите на цивилните авиони“ поради нападите со беспилотни летала.

Аеродромите продолжија со работа неколку часа подоцна, јави државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на информации од руската федерална агенција за воздушен транспорт.

Според московскиот регионален гувернер Андреј Воробјов, во нападот е повредено едно лице. Медиумите објавија дека нападите предизвикале пожар во село во областа Раменскоје, при што неколку куќи биле во пламен.

Русија речиси секојдневно известува за уништување на украински беспилотни летала, но нападите ретко го таргетираат главниот град.

Украинските власти често велат дека нивните напади со беспилотни летала врз Русија се насочени кон инфраструктурата клучна за воените напори на Москва и се одговор на континуираните напади на Русија врз Украина.

Од почетокот на војната, Украина е предмет на ноќни руски воздушни напади чија цел е критичната енергетска инфраструктура.