Во израелските напади во Газа загинаа најмалку 13 луѓе

Палестинец меѓу урнатините, по израелскиот напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, на 7 ноември 2024 година.

Во два одделни израелски напади врз Газа загинаа најмалку 13 луѓе, вклучително и жени и деца, рекоа палестинските медицински претставници на 9 ноември. Во меѓувреме Израел ја најави првата испорака на помош по неколку недели до зафатената од војна северна Газа.

Еден од нападите погоди училиште, претворено во засолниште во источниот кварт Туфах во градот Газа, при што загинаа најмалку шест лица, соопшти Министерството за здравство на Газа. Двајца локални новинари, една бремена жена и едно дете се меѓу загинатите, соопштија палестинските власти.

Израелската армија соопшти дека цел на нападот бил милитант кој припаѓа на палестинската група Исламски џихад, не нудејќи никакви докази или дополнителни детали.

Видете и ова: Тројца загинати во израелски напад врз либанскиот град Сидон


Според болницата Насер, други седум лица загинаа при израелски напад, во кој беше погоди голем шатор во јужниот град Кан Јунис, каде што раселените луѓе се засолнуваа. Се наведува дека меѓу загинатите има две жени и едно дете. Израелската армија не одговори веднаш на барањето за коментар за експлозијата, јавува новинската агенција Асошитет прес.