Израел со авиони ги врати дома фудбалските навивачи по нападот во Амстердам

Навивачите на израелскиот Макаби Тел Авив демонстрираат во Амстердам, Холандија, 7 ноември 2024 година,

Израел испрати неколку изнајмени авиони во Амстердам за да ги вратат израелските фудбалски навивачи откако беа нападнати по мечот на 7 ноември од, како што рече градоначалничката на Амстердам Фемке Халсема, „антисемитски одреди“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги нарече инцидентите „антисемитски напади“, откако во соопштние од неговиот Кабинет беше посочено дека израелските авиокомпании „Ел Ал“ и „Израир“ бесплатно ќе донесат дома навивачите.

Ел Ал соопшти дека испраќа шест авиони за да ги врати навивачите дома, а израелските аеродромски власти подоцна на 8 ноември соопштија дека првиот авион слетал.

Видете и ова: Неколку израелски навивачи повредени во судирите во Амстердам


Полицијата во Амстердам соопшти дека 62 лица биле приведени по насилството, а 10 биле притворени на 8 ноември во врска со судирите, во кои пет лица беа хоспитализирани, во центарот на Амстердам меѓу младите локални жители и израелските приврзаници кои дојдоа да го гледаат натпреварот на Макаби - Тел Авив против Ајакс -Амстердам.

„Ова е многу мрачен момент за градот, поради што сум длабоко засрамена“, рече Халсема на прес-конференција.

„Антисемитските криминалци ги напаѓаа посетителите на нашиот град, во таканаречената акција 'удри и бегај' “, рече таа.

Холандските власти соопштија дека немало конкретна закана за израелските фудбалски навивачи пред натпреварот и дека не е јасно како и точно кога почнало насилството.

Питер Хола, вршител на должноста началник на полицијата во градот, на прес-конференција изјави дека израелските навивачи биле „намерно нападнати“.

Американскиот претседател Џо Бајден го осуди „антисемитското“ насилство врз израелските фудбалски навивачи во Амстердам, нарекувајќи ги нападите „одвратно“ враќање во мрачните моменти во историјата.

„Антисемитските напади врз израелските фудбалски навивачи во Амстердам се одвратни и ги повторуваат мрачните моменти во историјата кога Евреите беа прогонувани“, напиша Бајден на социјалната платформа X порано позната како Твитер.

Канадскиот премиер Џастин Трудо, генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш и други светски лидери му се придружија на Бајден во осудата на насилството.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги опиша нападите како „гнасни“ и рече дека разговарала за нив со холандскиот премиер Дик Шуф.

„Огорчена од синоќешните гнасни напади насочени кон израелските граѓани во Амстердам“, напиша фон дер Лајен во објавата на X.

„Силно ги осудувам овие неприфатливи дела. Антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа. И ние сме решени да се бориме со сите форми на омраза“, додаде таа .

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар пристигна во Амстердам на состаноци со холандската влада и лидерот на екстремната десница Герт Вилдерс, а Амстердам ги забрани демонстрациите во наредните три дена.

Полицијата соопшти дека навивачите го напуштиле стадионот на 7 ноември без инциденти, откако натпреварот го добил Ајакс со 5-0, но во текот на ноќта биле забележани различни судири во центарот на градот.

Видеото објавено на интернет, исто така, наводно покажува дека израелските навивачи извикуваат антиарапски слогани на улиците пред натпреварот.

Познато е дека навивачите на Макаби користеа слични скандирања во Израел на последните натпревари таму.

Претходно, пропалестинскиот протест против посетата на Макаби, што требаше да се одржи во близина на стадионот, беше забранет од холандските власти од безбедносни причини поради зголемените тензии на Блискиот Исток.