Битолчанец се обидел да силува две девојки, одреден му е притвор

Приведен е 23 годишен осомничен за обид за силување во Битола. Тој е осомничен дека извршил полов напад и силување врз две девојки. Основното битолско обвинителство побара од Судот да му одреди мерка притвор од 30 дена.

„Против него е поведена постапка, бидејќи во два одвоени настани, на 9 септември и на 7 ноември, полово нападнал две млади девојки и започнал да ги допира. Жртвите и во двата случаи успеале самите да го оттурнат и да се ослободат, по што осомничениот бегал од местото на нападот“, се вели во соопштението од Основното битолско обвинителство.

Видете и ова: Стравот на жртвата го „чува“ насилникот подалеку од затвор


Обвинителството вели дека затоа што се работи за кривично дело против половата слобода и моралот, како и дека постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би ги повторувал ваквите напади доколку остане на слобода, надлежниот јавен обвинител предложи определување притворска мерка.

Според полициската статистика минатата година биле приведени 125 сторители на 130 кривични дела од областа на дела против половона слобода и полов морал.

Лани најголем дел од пријавените случаи биле регистрирани во Скопје 47, а во Битола 25, по што следува Штип со 17. Во однос на видот, најбројни се кривичните дела „силување на дете кое не наполнило 15 години“, вкупно 34.

Потоа се „полов напад и силување“ 33 кривични дела извршени од 29 сторители. Во овие кривични дела влегува и кривичното дело „полово вознемирување“ со што вкупниот број на пријави изнесува 21 и задоволување на полови страсти пред друг – 16.

Според полициската статистика лани имало пријавени 41 случај повеќе од претходната 2022 година.