Граѓани и активисти го блокираа мостот „Дуга“ во Нови Сад во знак на „граѓанска непослушност“ поради смртта на 14 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во тој град на 1 ноември.
Тие ја повикуваат владата на одговорност и бараат оставка од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, обвинителството на сите одговорни, како и отстранување на ознаката за тајност од договорот за реконструкција на Железничката станица.
На покана на организаторите, учесниците на протестот го бојадисуваат мостот со црвена боја и оставаат траги од „крвави тупаници“.
Учесниците на мостот со црвен филц напишаа пораки како „Апсолутна моќ, апсолутна одговорност“ и „Години молк завршуваат со минута молчење“.
За време на протестот, на огласниот систем се слушаат изјавите на српските функционери од отворањето на Железничката станица во Нови Сад по реконструкцијата, како и нивните изјави по несреќата.
Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.
Видете и ова: Непроменета состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови СадБранислав Ѓорѓевиќ од групата „Став“, која повика на протест, за време на блокадата изјави дека во пресрет на протестот биле приведени две активистки, а камионот што превезувал дел од учесниците на протестот бил исклучен од сообраќај.
Групите „Свиќе“ и „Став“ повикаа на блокади и порачаа дека оставката на министерот за градежништво на Србија, Горан Весиќ, „е победа на граѓаните, но и мотив уште погласно да се инсистира на преостанатите барања“.
Досегашниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка од таа функција, но и рече дека не ја прифаќа вината за несреќата.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до 5 ноември сослушало 48 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво, директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните за „Железници на Србија“ и „Инфраструктура на железницата на Србија“ и одговорните за извршување на работите поради несреќата од 1 ноември.
Изведувач беше кинескиот конзорциум CRIC&CCCC („China Railway International Co. Ltd“ и „China Communications Construction Company Ltd“).