Антикорупциската комисија побара Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да си ги повлечат своите членови од Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Ова доаѓа откако утврди дека постапиле спротивно на законот за спречување на корупција и судир на интереси и на законот за Академијата.
Членот на ДКСК, Биљана Каракашева-Шулев предметот го отворила по сопствена иницијатива и побара да ги стават вон сила одлуките, бидејќи станува збор за веќе именувани членови, а нивните судско-обвинителски функции им се ставени во мирување.
Според антикорупционерите, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, не дозволува членовите на советите да бидат членови на УО на институции и претпријатија со државен капитал.
Сметаат дека одлуките за пополнување на Управниот одбор, со по двајца членови од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се спротивни на членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, судирот се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалбите на кандидатите за судии и јавни обвинители, а советите ги избираат.
Видете и ова: Помалку судии, повеќе неправдаНа истата седница, пак, Антикорупциската комисија одлучи дека членството на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во Управниот одбор на Академијата, се во согласност со законот бидејќи тоа го дозволувало друг закон. Комисијата одлучи да ја запре постапката за судир на интереси во овој случај.
Советот на јавни обвинители на 29 октомври за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ги избра своите членови Душица Димитриеска и Башким Бесими. Неколку дена претходно, пак, Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители ги номинира членовите на советот, Ханиф Зендели и Антоанета Димовска.