Руските разузнавачки служби „веројатно“ стојат зад серијата пакети што експлодираа во курирските магацини низ Европа, изјавија полските обвинители во петок (8-ми ноември).
Експлозии на пакети се случија во јули во магацини за курирска служба во Британија, Германија и Полска. Станува збор за пакети кои би можеле да експлодираат во авионите во кои требало да бидат превезени.
Западните официјални лица претходно изразија сомневање дека Русија се обидела да изврши саботажа за да ги дестабилизира сојузниците на Украина, предизвикувајќи експлозии на товарните летови за САД и Канада.
„Доказите собрани во овој случај укажуваат на голема веројатност дека актите на саботажа биле инспирирани од руските специјални служби“, рече во изјавата Пшемислав Новак, портпарол на полското обвинителство.
Русија претходно негираше вмешаност.
Новак рече дека полските власти трагаат по двајца Руси, а во рамките на истрагата уапсиле четворица државјани на Украина.
Видете и ова: Писма со експлозив пристигнале во неколку холандски компанииВо октомври полските обвинители соопштија дека ја истражуваат улогата на „странските разузнавачки служби“, без конкретно да ја именуваат Русија.
„Во тек се интензивни активности за идентификување на преостанатите лица вклучени во меѓународната диверзантска група“, рече Новак во соопштението испратено во петокот.
„Овие акции се преземаат во соработка со агенциите за спроведување на законот од други земји од Европската Унија.
Тој рече дека пакетите кои експлодирале биле испратени од главниот град на Литванија, Вилнус.
И руското Министерство за надворешни работи во петокот објави дека го поканило заменик-шефот на канадската амбасада во Москва да му врачи протестна нота поради, како што рече, „лажните обвинувања“ дека Русија стои зад саботажата против земјите на НАТО.
Волстрит Џурнал на почетокот на ноември ги цитираше западните безбедносни претставници дека уредите што експлодираа во магацините на логистичката компанија DHL во Бирмингем, централна Англија и Лајпциг, Германија - биле дел од руската операција за предизвикување пожари на товарни или патнички летови за Северна Америка.