Непроменета состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови Сад

Железничката станица во Нови Сад каде што се случи несреќата (илустрација)

Состојбата на тројцата тешко повредени во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември се уште е непроменета, изјави вршителката на должност директор на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов.

„Седми ден од борбата за живот, состојбата се уште е непроменета. Тие се уште витално загрозени, секој ден контролираме, секој ден Советот се состанува неколку пати во текот на денот“, изјави Туркулов.

Таа додаде дека внимателно се следи нивната здравствена состојба, се прават дополнителни наоди, лабораториска дијагностика и се одлучуваат понатамошните чекори.

Видете и ова: Собир пред судот во Нови Сад за поддршка на приведените активисти за демолирањето на градското собрание

Во уривањето на бетонската настрешница пред влезот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.

Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница. Од самиот почеток, официјалните лица тврдат дека настрешницата што се урна не била вклучена ниту во реконструкцијата на зградата на станицата, која официјално беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.