Тројца загинати во израелски напад врз либанскиот град Сидон

Местото на израелски напад врз возило на влезот во Сидон, Либан, на 7 ноември 2024 година

Во израелски напад врз јужниот либански град Сидон загинаа тројца либански граѓани и беа ранети тројца војници, соопшти во четвртокот либанската армија, а малезиската влада соопшти дека шест членови на нејзините сили УНИФИЛ се повредени.

Во нападот бил удрен автомобил додека минувал на контролен пункт, а три лица кои биле во возилото загинале, се наведува во соопштението на армијата.

„Ранетите војници служеле на контролниот пункт, додека погодените припадници на УНИФИЛ биле во мировно возило на ОН кое во тој момент минувало низ контролниот пункт“, се наведува во соопштението на армијата.

Израелските сили и милитантната група Хезболах се судираат повеќе од една година, откако Хезболах почна да истрелува ракети преку границата кратко по смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел што ја предизвика тековната војна во Газа во октомври минатата година.

Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Видете и ова: Пронајдени 30 тела по израелски напад во централен Либан

Војната на либанскиот фронт значително ескалира од средината на септември, кога Израел започна масовно воздушно бомбардирање и копнена инвазија.

Најмалку 3000 луѓе загинаа, а околу 13500 се ранети во Либан, од кои околу четвртина се жени и деца, соопшти Министерството за здравство.

Во извештајот на либанската единица за одговор на кризи се наведува дека 361300 Сиријци и над 177800 Либанци преминале во Сирија меѓу 23 септември и 1 ноември за да избегаат од борбите.

Хезболах продолжува да испраќа десетици ракети и беспилотни летала кон Израел. Ракетите досега убиле 72 лица во Израел, од кои 30 војници, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.