Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика Израелците во Амстердам да останат во хотелските соби по насилните инциденти, соопшти канцеларијата на Нетанјаху во посебна изјава.
Видете и ова: Неколкумина уапсени на протестите во Израел, поради смената на министерот ГалантСпоред израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“.
Реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Револтирана сум од синоќешните гнасни напади насочени кон израелски граѓани во Амстердам. Најстрого ги осудувам овие неприфатливи дела. За антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа. И ние сме решени да се бориме со сите форми на омраза“, напиша Лајен на платформата X.
Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.
ДПА претходно јави дека по фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи.
Локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи.