Путин му честиташе на Трамп за изборната победа

Трамп и Путин (фотоархива).

Рускиот претседател Владимир Путин денеска, 7 ноември, му честиташе на Доналд Трамп за неговата победа на претседателските избори во САД и рече дека Москва е отворена за разговори со новоизбраниот републикански претседател.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам за неговиот избор за претседател на САД“, рече Путин по неговиот говор на меѓународната конференција во црноморското одморалиште Сочи.

Трамп за време на кампањата рече дека може брзо да ја заврши војната во Украина доколку биде избран за претседател, но не наведе детали. Путин, пак, оцени дека изјавата заслужува внимание, додавајќи дека Русија е подготвена да разговара доколку Трамп сака да ги обнови контактите.

Видете и ова: Што може да се очекува од вториот мандат на Доналд Трамп?

Путин, исто така, рече дека е импресиониран од тоа како Трамп, кој убедливо ја победи потпретседателката Камала Харис на изборите на 5 ноември, се справи со моментите по обидот за атентат во јули, опишувајќи го како храбар човек.

Трамп рече и дека е подготвен да разговара со Путин.

„Мислам дека ќе разговараме“, рече тој во интервју за NBC News.

Трамп изјави дека од утрото на 6 ноември односно откако прогласи победа, разговарал со „веројатно“ 70 светски лидери, но дека Путин не е меѓу нив.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денеска рече дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу Путин и Трамп пред неговата инаугурација во јануари.

На новинарско прашање дали може да ја исклучи можноста за такви комуникации, Песков одговори: „Зошто? Не е исклучено. (Трамп) рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“.

Видете и ова: Песков не исклучува комуникација меѓу Путин и Трамп пред инаугурацијата во САД

Тој мислеше на претходните изјави на Трамп за контакт со Путин пред да ја преземе функцијата.

Песков негираше дека имало каков било контакт меѓу руските власти и штабот на Трамп по изборите во САД.

„Не. Зошто би контактирале со нив“, одговори тој, дополнително појаснувајќи дека руската администрација не направила чекор за таков контакт.