Американски државјанин осомничен за шпионирање за Кина е уапсен во Германија, објави германското федерално обвинителство на 7 ноември, пренесе Асошиејтед прес.
Обвинителството соопшти дека осомничениот, кој беше идентификуван како Мартин Д., е уапсен во Франкфурт и дека се врши претрес во неговата куќа.
„Обвинетиот, кој до неодамна работел за вооружените сили на САД во Германија, е осомничен дека се согласил да дејствува како разузнавач на странска тајна служба“, се вели во соопштението.
Според истрагата на разузнавачка служба на Германија, на почетокот на оваа година, тој контактирал со кинески владини агенции и понудил да даде чувствителни информации за американската војска на кинеското разузнавање.
Видете и ова: Уапсен помошник на германскиот европратеник поради шпионирање за КинаОсомничениот информациите ги добивал за време на неговата работа во Армијата на САД, се посочува во соопштението на обвинителството без да се дадат дополнителни детали.
Германската новинска агенција ДПА објави дека веројатно осомничениот не им дал никакви информации на кинеските власти пред неговото апсење.
Германските власти оваа година разоткрија неколку лица осомничени за шпионажа за Кина.
Минатиот месец, беше уапсен кинески државјанин обвинет за пренесување информации за воздушен товарен сообраќај на човек кој се сомничи дека шпионирал за Кина.
Во април, беше приведено лице кое работело за истакнат германски екстремно десничарски пратеник во Европскиот парламент, исто така под сомнение дека шпионирало за Кина.
Веста за ова апсење беше објавена откако претходно во одделен случај беа приведени тројца Германци осомничени за шпионирање за Кина и договарање пренос на информации за технологија со потенцијална воена употреба.