Собир пред судот во Нови Сад за поддршка на приведените активисти за демолирањето на градското собрание

Собир пред судот во Нови Сад, 7 ноември 2024 г.

Српскиот активист и поранешен потпретседател на Владата на Војводина, Горан Јешиќ, попладнето на 7 ноември беше пуштен од притвор откако пред зградата на Основниот суд во Нови Сад беше организиран собирот за поддршка на приведените активисти на протестот што следуваше по несреќата на железничката станица во овој град.

По ослободувањето на Јешиќ, насобраните граѓани пред судот во Нови Сад скандираа „Победа“.

Горан Јешиќ оцени дека одлуката за негово ослободување е знак дека во судовите „се уште има интегритет“, а потегот на обвинителството кое предложи продолжување на притворот го оцени како политички.

Јешиќ и другите активисти беа приведени на 5 ноември на протестот во Нови Сад на кој се бараше одговорност од властите за уривањето на настрешницата на железничката станица при што загинаа 14 луѓе.

Видете и ова: Инциденти на протестот во Нови Сад, полицијата одговори со солзавец

Обвинителството бараше 30 дена притвор за Јешиќ, а полицијата претходно соопшти дека тој е обвинет за напад на службено лице при вршење на службената должност и му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

„Наместо сега да стоиме овде и да бараме драконски казни за одговорните за смртта, ние стоиме и ги поддржуваме луѓето кои се осмелија да кажат ’доста е‘, да кажат дека е страшно и нема да бидеме следните“, изјави на собирот, Владимир Јешиќ, брат на Горан Јешиќ.

Горан Јешиќ, според тврдењата, бил приведен откако се обидел да спречи апсење на еден од учесниците на протестот од страна на полицајци во цивилка на кои им побарал да покажат легитимација бидејќи ја немале истакнато значката. Тој оттурнал еден од двајцата полицајци во цивилна облека, а дури по инцидентот еден од нив ја покажал службената легитимација.

Покрај Јешиќ, денеска во Нови Сад треба да биде сослушан и активистот Иван Бјелиќ, како и активистот и советник Миша Бачулов, кои исто така беа уапсени по протестот во Нови Сад.

Бјелиќ се товари за насилничко однесување на јавен настан, односно на јавен собир.

Видете и ова: Протест во Белград: Се бара одговорност од власта за несреќата во Нови Сад

Милан Алановиќ, адвокат на Миша Бачулов, рече дека обвинителот предложил 30-дневен притвор за неговиот клиент поради ризик да го повтори делото и да влијае врз сведоците.

Во Нови Сад, поради демолирање на градското собрание на протестот организиран поради уривање на настрешницата на железничката станица, досега се приведени 14 лица, меѓу кои и еден малолетник.

На тој протест, група мажи, главно со маски и качулки, фрлаа камења и други предмети кон седиштето на Градското собрание, а полицијата одговори со солзавец.