Само неколку часа откако Киев и Одеса беа погодени од интензивни воздушни напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски настапи пред европските лидери со предупредување дека капитулацијата пред Русија по нејзината инвазија на Украина би била „самоубиствена“ за Европа.
Тој се обрати на состанокот на Европската политичка заедница што денеска (7 ноември) се одржува во Будимпешта при што ги повтори апелите за поголема поддршка на неговата земја разурната од војна започната од Москва. Состанокот на Европската политичка заедница се одржува еден ден пред неформалниот самит на ЕУ чиј домаќин исто така е Унгарија, која во моментов го има ротирачкото претседателство со Унијата.
Видете и ова: Ексклузивно: Неколку дена по инвазијата, Русија предложила мировен договор за „капитулација“ на УкраинаВо обраќањето Зеленски рече дека веќе разговарал и со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за тоа како и Соединетите Држави и Европа треба да бидат силни партнери во услови кога светот се соочува со „многу предизвици“.
„Многу се зборуваше за потребата да му попуштиме на Путин, да се повлечеме, да направиме некои отстапки. Тоа е неприфатливо за Украина и самоубиствено за цела Европа“, рече Зеленски во говорот кој доаѓа неполни 48 часа откако Трамп победи на претседателските избори.
Победата на Трамп предизвика трепет низ Европа со оглед дека често изразуваше скептицизам во врска со американската воена поддршка за Украина.
„Покажувањето слабост или распродажбата на позициите на Европа нема да купи праведен мир. Мирот е награда само за силните“, додаде Зеленски.
Зеленски на средбата беше пречекан од десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан, кој одржува блиски врски со Путин и се противи на санкциите на ЕУ кон Москва. Орбан има блиски односи и со Трамп.
Видете и ова: Зеленски: Со нетрпение ја очекуваме ерата на САД под водство на ТрампШефот на НАТО, Марк Руте, во обид да ја обезбеди поддршката на Трамп за Украина, пред новинарите во Будимпешта изјави дека испраќањето трупи од Северна Кореја за помош на Русија во Украина претставува директна закана и за САД.
„Она што сè повеќе го гледаме е дека Северна Кореја, Иран, Кина и се разбира Русија работат заедно, работат заедно против Украина... Истовремено, Русија мора да плати за ова. Една од работите што ги прави е што испорачува технологија на Северна Кореја, која во иднина е закана за територијата на САД и континентална Европа“, предупреди тој.
Руте додаде дека со нетрпение очекува да седне со Трамп за да разговараат за тоа како може колективно да се соочат со ваквите закани.
Настанот во Будимпешта се случува истиот ден кога Украина во раните утрински часови собори 74 од 106 беспилотни летала што Русија ги лансираше кон цели во 9 украински региони – Одеса, Миколајев, Херсон, Киев, Суми, Полтава, Харкив, Кироворад, Житомир, Черкаси и Чернихив.
Видете и ова: Повреди, пожари и уништувања по руските напади врз Киев и ОдесаОвие руски напади предизвикаа пожари и штети во пет области на Киев, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.
Две лица во главниот град биле повредени од паѓањето остатоци од дроновите.
Во Одеса, пак, оштетена е една висококатница, а едно лице е повредено откако украинската противвоздушна одбрана собори руски дронови над пристаништето на Црното Море, објави регионалниот гувернер Олех Кипер.