Велика Британија денеска (7 ноември) објави нов пакет санкции за Русија, најголем во последната година и пол кој опфаќа мерки за 56 лица и субјекти поврзани со воената машинерија на Москва, вклучително и платенички групи активни во Африка и поединец обвинет за вмешаност во нападот со отровот новичок во 2018 година.
Објавата на санкциите доаѓа дента кога британскиот премиер Кир Стармер замина на разговори за спротивставување на руските активности во Европа со другите европски лидери на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта каде се очекува тој да ја потврди силната поддршка на Лондон за Украина.
Според британските власти, санкциите што ги воведуваат ќе го нарушат снабдувањето со витална воена опрема за машинеријата на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги намалат руските активности на глобално ниво.
Видете и ова: Ексклузивно: Неколку дена по инвазијата, Русија предложила мировен договор за „капитулација“ на УкраинаНа листата со санкции, меѓу другите се ставени, три платенички групи во Африка кои се поврзуваат со Кремљ.
Едната од нив е Африканскиот корпус, наследничка на озлогласената платеничка група Вагнер, која под водство на покојниот соработник на Путин, Евгениј Пригожин, учествуваше во инвазијата на Украина.
По смртта на Пригожин и по краткотрајниот бунт на групата, Африканскиот корпус како наследничка на Вагнер ги прошири операциите во африканските земји како Либија, Централноафриканската Република, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што борците на групата делуваат како поддршка на тамошните воени диктатури.
„Русија се обидува да ги искористи кревките безбедносни средини и природните ресурси во овие земји за своја корист и за проширување на влијанието на Кремљ“, соопшти британскиот Форин Офис.
На листата со санкции се најде и рускиот воен разузнавач Денис Сергеев, еден од тројцата руски оперативци кои британската полиција ги обвини за обидот за убиство на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал, со нервниот агенс новичок во 2018 година во Англија.
За потсетување, Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени без свест на клупа во парк во Англија во март 2018 година, а британските власти утврдија дека тие биле цел на напад на руското воено разузнавање. Отровот новичок бил нанесен на кваката од вратата на нивниот дом.
Таткото и ќерката преживеаја, но почина една жена која случајно дошла во контакт со отровниот агенс.
Видете и ова: Санкции за фирма со седиште во Бар поради воена соработка со РусијаНовиот пакет санкции опфаќа и 28 ентитети со седиште во Кина, Турција и Централна Азија кои се товарат дека ја снабдуваат Москва со машини, микроелектроника за дронови и други воени компоненти што се користат во инвазијата во Украина.
„Денешните санкции ќе ја одвраќаат корозивната надворешна политика на Кремљ, поткопувајќи ги обидите на Русија да поттикне нестабилност низ Африка и попречувајќи го снабдувањето со витална опрема за воената машинерија на Путин“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
Путин, додаде тој, „е речиси 1.000 дена во војна за која мислеше дека ќе потрае само неколку дена“.
„Тој ќе пропадне, а јас ќе продолжам да го уривам Кремљ и да го поддржувам украинскиот народ во неговата борба за слобода“, заклучи Лами.