Израел усвои закон за депортација на семејствата на палестинските напаѓачи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на седница на израелскиот парламент, октомври 2024

Израелскиот парламент усвои закон со кој се дозволува депортација на членови на семејствата на палестинските напаѓачи, вклучително и државјани на таа земја, пишува АП.

Според овој закон, тие би биле депортирани во завојуваната Газа или на друго место.

Законот, за кој се залагаа членовите на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и нејзините екстремно десничарски сојузници, беше усвоен со 61 глас за и 41 глас против.

Сепак, се очекува тоа да биде оспорено на суд.

Законот ќе важи за палестинските граѓани на Израел и за жителите на анектираниот Источен Ерусалим кои претходно знаеле за напади од членови на семејството или кои „искажуваат поддршка или се идентификуваат со акти на тероризам“.

Тие би биле депортирани или во Газа или во други земји за период од седум до 20 години.

Војната меѓу Израел и Хамас, група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, продолжува во Газа, каде што загинаа десетици илјади Палестинци, а најголемиот дел од населението неколку пати беше внатрешно раселено.

Не е јасно дали законот ќе се применува и на окупираниот Западен Брег, каде Израел одржува строга политика на уништување на семејните домови на напаѓачите.

Видете и ова: Нови израелски напади врз Бејрут

Еран Шамир-Борер, истражувач во Израелскиот институт за демократија и поранешен меѓународен правен експерт за израелската војска, рече дека ако законот отиде до Врховниот суд, тој најверојатно ќе биде поништен, врз основа на минатите случаи на депортација на Израел.

„Заклучокот е дека овој закон е целосно неуставен и против основните вредности на Израел“, рече Шамир-Борер.

Израел го окупираше Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим за време на Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие три територии да бидат дел од нивната идна држава.

Израел се повлече од Газа во 2005 година, но повторно окупираше делови од територијата откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.

Поголемиот дел од Меѓународната заедница не ја признава израелската анексија на Источен Ерусалим. Палестинците во оваа земја имаат постојан престој и им е дозволено да аплицираат за државјанство, но повеќето избираат да не го прават тоа.

Палестинците кои живеат во Израел сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата. Имаат државјанство и право на глас, но се соочуваат со голема дискриминација.