Камала Харис им соопшти на насобраните во кампусот на Универзитетот Хауард во Вашингтон дека му честитала на Доналд Трамп за изборната победа и му рекла дека ќе му помогне во транзицијата на власта.
„Реков дека ќе има мирен трансфер на власта. Ние се придржуваме до принципот на мирен трансфер на власта. Ова ја разликува демократијата од монархија и тиранија. Не му должиме лојалност на претседателот и партијата, туку на американскиот устав“, рече таа.
Камала Харис го призна поразот, но рече дека не се откажува од борбата за слобода и правда што ја водела во кампањата.
„Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од тоа Американците да можат да ги остварат своите аспирации , во Америка каде жените имаат избор, во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство. Млади луѓе, ве молиме знајте дека сè ќе биде во ред. Понекогаш борбата трае. Тоа не значи дека нема да победиме. Важно е никогаш да не се откажуваме, никогаш да не се откажуваме од обидот да го направиме светот подобар“, изјави Харис.
Во обраќањето, Харис кажа дека ги прифаќа резулатите од изборите, им се заблагодари на своите соработници, нејзиниот кандидат за потпретседател и волонтерите.
„Толку сум горда на нашата трка и како ја истрчавме“, рече таа.
Видете и ова: Трамп прогласи победа, честитки од светските лидериТрамп победи и во Мичиген
Новоизбраниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, ја победи демократската кандидатка Камала Харис и во Мичиген, една од седумте клучни сојузни држави, пренесе Асошиетед Прес.
Со победата во Мичиген на претседателските избори во вторникот, Трамп обезбеди 292 електорски гласа, а 270 му беа доволни да се врати во Белата куќа.
Победникот сè уште не е познат во двете сојузни држави - Аризона и Невада, а Трамп, претседател од 2017 до 2021 година, има водство и во двете.