Вучиќ со чешкиот премиер за литиумот, нуклеарната енергија и ЕУ

Премиерот на Чешката Република, Петр Фиала и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Прага на 6 октомври 2022 година (архивска фотографија)

Чешкиот премиер Петр Фиала на 6 ноември во Белград рече дека Србија и Чешка мора да го искористат „богатството во форма на огромни резерви на литиум што ги имаат“ и да создадат целосен синџир од батериите до финалниот производ, доколку сакаат да бидат стратешки независни.

Како што јави Бета, српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со премиерот на Чешка изјави дека разговарале за обезбедување заштита на животната средина и почитување на сите европски норми.

„Погледнавме како и на кој начин да обезбедиме заштита на животната средина и целосно почитување на сите права, правила и норми на Европската унија, кои се највисоки во светот“, изјави Вучиќ за новинарите во Палатата Србија.

Тој изјави и дека претставниците на Србија отишле во Чешка за да се запознаат со нуклеарната централа во таа земја, додавајќи дека таа земја го има истиот проблем како Србија - недостиг на струја во наредните години.

„Затоа бараме да ги пресликаме нивните искуства. Тие сега избираат партнер за нова нуклеарна централа, тоа мора да го правиме во иднина и не смееме да го криеме“, рече Вучиќ.

Петр Фиала рече дека Чешка успеала за две или три години да се ослободи од зависноста од Русија во енергетскиот сектор, но дека развојот на нуклеарната енергија е единствената можност да обезбеди долгорочна, безбедна и евтина енергија.

„Србија е соочена со слични предизвици и прави транзиција на сличен начин, изградбата на нуклеарна централа е многу разумно решение, тоа е пат кој бара храброст“, рече тој.

Видете и ова: Српскиот парламент не го прифати предлогот за забрана на ископ на литиум

Србија сè уште зависи од Русија за испораките на гас. Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, таа почна, како и другите европски земји, да бара алтернатива за рускиот гас.

Петр Фиала рече дека ќе поддржи какво било решение за траен мир во Украина што ќе гарантира дека руската агресивна политика нема да успее.

„Не сакам Русија да ни се приближи, мислам дека тоа е опасност за нашата безбедност“, рече Фиала.

Тој изјави и дека Чешка ќе се обиде да го скрати патот на Србија кон ЕУ и додаде дека членството многукратно се исплатело, пренесува Бета.

„Чешката Република обезбедува постојана поддршка на патот на Србија кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан не можат да останат пред вратата“, рече тој.

Вучиќ рече дека со чешкиот премиер разговарал и за соработка во областа на транспортот и инфраструктурата, односно железничкиот карго транспорт, тролејбуси, трамваи и возови, како и фармацијата.

Пред изјавите, беше разменет Меморандум за разбирање меѓу Министерството за економија на Србија и Министерството за индустрија и трговија и Чешка.