Деветмина уапсени по протестите во Нови Сад

Градското собрание во Нови Сад, ден по протестите, 6 ноември 2024 година

Поради нереди на протестот во Нови Сад, девет лица се уапсени на барање на Вишото и Основно јавно обвинителство во тој град, се наведува во заедничкото соопштение на двете обвинителства.

Според соопштението, од деветмината уапсени за нереди на вчерашниот протест, шест лица се осомничени за сторено кривично дело - Насилничко однесување на спортски настан или јавен собир, едно лице за кривично дело - Уништување и оштетување на туѓ имот, едно лице за кривично дело - Напад врз службено лице при вршење на службена должност и едно лице за кривично дело - Предизвикување општа опасност.

Во соопштението се додава дека сè уште трае потрагата по сторителот на кривичното дело- Оштетување на угледот на Република Србија, додека интензивно се работи на утврдување на идентитетот и на други лица за кои постојат основи на сомнение дека имаат сторил кривично дело -Напад врз службено лице при вршење на службена должност, односно кривично дело -Уништување и оштетување туѓ имот.

Видете и ова: Инциденти на протестот во Нови Сад, полицијата одговори со солзавец

Обвинителството посочува дека во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, кое било вршено со истурање фекалии од цистерна пред Градското собрание на Град Нови Сад, на место каде што биле собрани поголем број луѓе, предизвикана е опасност од ширење на инфекција, а на лице место е извршен увид при што вработени во Институтот за јавно здравје од Војводина земале мостри, чија анализа е во тек.

„За време на протестот имаше насилство и уништување имот, како и оштетување на самата зграда на Градското собрание од повеќе лица, заштитната ограда на блиското градилиште на подземната гаража, службениот влез во просториите на Кривичниот суд во Нови Сад и просториите на Српската напредна странка на Булеварот на ослободувањето, каде што беше искинато и знамето на Република Србија, а учесниците на протестот нападнаа неколку полицијски службеници“, изјавија од Обвинителството.

Немирите избија по протестот на 5 ноември, на кој се бараше одговорност од властите за смртта на 14 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во тој град. По првичниот собир пред железничката станица во Нови Сад, демонстрантите во протестна колона пристигнаа пред Градското собрание.

Видете и ова: Што досега се знае за несреќата во Нови Сад?

Тогаш групи мажи, главно со маски и качулки, почнаа да фрлаат камења и други предмети кон седиштето на градската власт. Тие ја скршија влезната врата и прозорците, а полицијата одговорила со солзавец од Градското собрание.

Судирите траеја речиси три часа, а продолжија и на улиците во близина на Градското собрание.
Полицијата приведе дел од учесниците во нередите, а опозициските партии и некои невладини соопштија дека се уапсени и мирни демонстранти.