АфД ќе ги исклучи нејзините членови поврзани со екстремистичка група

Поддржувачи на екстремнодесничарската АфД

Раководството на Алтернатива за Германија (АфД) - германската крајнодесничарска партија, која е втора според анкетите, ќе се состане денеска (6 ноември) за да започне процедура за протерување на членовите поврзани со екстремистичка група, соопшти АфД.

Соопштението се однесува на „членовите погодени од мерките на јавниот обвинител“, потврдувајќи ја врската меѓу партијата и осумтемина осомничени уапсени во голема полициска акција вчера.

Во соопштението не се наведува кои се членовите, ниту пак колкумина биле погодени од операцијата.

Цел на акцијата беа „Саксонските сепаратисти“, мала група водена од расистичка идеологија и теории на заговор, кои се обучуваа за воени дејствија за уништување на модерната германска држава.

Видете и ова: Победа на социјалдемократите на Шолц во Германија, екстремната десница го продолжува подемот

Според германските медиуми, еден од осомничените е Курт Хетеш, политичар на Алтернатива за Германија во источната покраина Саксонија, каде партијата тесно победи на покраинските избори одржани во септември. Тој беше избран за член на советот во градот Грима, во близина на Лајпциг, се наведува на официјалната веб-страница на градот.

АфД рече дека тоа е „итен и сериозен случај“ и додаде дека веднаш ќе им ги одземе правата за членство додека арбитражниот трибунал не донесе конечна одлука.

„Без оглед на чие име дејствувала организацијата „Саксонски сепаратисти“, таа нема место во нашата партија на слободата, мирот и националниот суверенитет“, наведува Алтернатива за Германија.