Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку социјалната мрежа Икс испрати честитки за, како што вели, „импресивната победа“ на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
Тој вели со Трамп имале одлична средба во септември кога детално разговарале за односите на Украина и САД, стратешкото партнерство, Планот за победа и начинот како да се стави крај на руската агресија, а сега со нетрпение го очекува неговото претседателствување.
„Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп на пристапот ’мир пред сила‘ во глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да донесе мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме тоа на дело. Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп“, вели Зеленски додавајќи дека Украина очекува двопартиска поддршка од САД.
Видете и ова: Трамп: Америка нема видено ваква политичка победаВо честитката тој посочува дека Украина е посветена на развивање политичка и економска соработка што ќе донесе корист за двете нации.
„Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и во трансатлантската заедница со поддршка на нашите сојузници. Со нетрпение очекувам лично да му честитам на претседателот Трамп и да разговараме за зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со САД“, вели Зеленски.
Честитката дојде набргу откако Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“.