Ова е најголемото политичко движење во историјата. Никогаш во Америка немало вакво движење. Ќе ја излечиме Америка, порача републиканскиот кандидат Доналд Трамп прогласувајќи победа на изборите во САД против неговата ривалка, демократската кандидатка Камала Харис.
Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“, а вети и дека следува „златно доба за Америка“.
„Со секој здив ќе се борам за вас, за вашите семејства, за иднината… Нема да запрам додека не испорачаме силна и безбедна Америка“, рече Трамп.
Тој се заблагодари на поддршката од гласачите, потенцираше дека како републиканци ја вратиле контролата над Сенатот, како и дека веројатно „ќе ја задржат контролата и во Претставничкиот дом“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во обраќањето, тој ја спомена и миграцијата, која беше една од клучните теми во неговата кампањата. Како што рече, луѓе треба да доаѓаат во САД, но тоа да го прават легално.
Заблагодарувајќи се на својот тим, тој во говорот ги спомена неговите деца и сопругата Меланија Трамп, а имаше и низа пофални зборови за милијардерот Илон Маск велејќи дека „тој е гениј“ и таквите мора „да ги заштитиме“.
Неговиот потпретседателски кандидат, Џеј-ди Венс во краткото обраќање порача дека ова е „најголемиот политички камбек во историјата на САД“.
„Под лидерството на Трамп нема да престанеме да се бориме за вас, за иднината на вашите деца. Ќе имаме и најголем економски кампбек во историјата“, рече Венс.