По ерупцијата на вулканот, Индонезија ќе пресели илјадници луѓе

илустрација

Индонезија трајно ќе пресели илјадници жители од околината на вулканот што еруптираше во последните денови, при што загинаа девет лица, соопштија официјални лица во среда (6 ноември), пренесува АФП.

Властите го подигнаа нивото на тревога на планината Левотоби Лаки-Лаки на највисоко ниво по неколкуте ерупции од неделата вечерта, велејќи им на локалните жители и туристите да го избегнат кратерот во радиус од седум километри.

Повеќе од 2600 семејства кои живеат во областа околу вулканот на популарниот туристички остров Флорес добија совети да се преселат трајно, се вели во соопштението на Агенцијата за ублажување на катастрофи (BNPB).

„Планината не може да се помести. Мораме да се движиме. Мораме да расчистиме радиус од седум километри“, рече шефот на агенцијата Сухарјанто.

Видете и ова: Најмалку девет загинати во ерупција на вулкан во Индонезија

Тој додаде дека владата ќе им помогне на локалните жители да се преселат во нова област или да изградат куќи на земјиште што веќе го поседуваат.

Одлуката е „еден од долгорочните чекори за ублажување“ во пресрет на идните ерупции, рече портпаролот на БНПБ, Абдул Мухари.

Левотоби Лаки-Лаки еруптираше три пати во текот на ноќта во понеделникот (4 ноември), исфрлајќи пепел до два километри на небото, пред повторно да еруптира во вторник.

Инаку Индонезија, огромна архипелашка нација, доживува чести ерупции поради нејзината локација на Пацифичкиот „Огнен прстен“, област со интензивна вулканска и сеизмичка активност.