Трамп ја однесе победата и во Пенсилванија, според проекциите

Поддржувачи на Трамп во исчекување на неговото обраќање.

Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи и во трета од вкупно седумте сојузни држави кои се сметаа за клучни за исходот од американските претседателски избори.

Републиканецот победил во Пенсилванија која му носи 19 електроски гласови, според пренесуваат Ројтерс и Асошиејтед прес.

Претходно, Трамп беше проектиран за победник и во Северна Каролина и Џорџија, кои имаат по 16 електори.

Наскоро се очекува тој да се обрати пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.

Видете и ова: Камала Харис нема да се обрати во изборната ноќ

Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.

Победник е тој што ќе стигне до 270 електорски гласови.

За останатите четири одлучувачки држави Аризона, Мичиген, Невада и Висконсин, сè уште нема проекции.

Резултатите од останатите сојузни држави се според очекуваното и предвидувањата од анкетите.