Демократската кандидатка и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис, нема да се обрати во изборната ноќ, соопштија од нејзиниот тим.
„Има уште гласови за борење“, рече Седрик Ричмонд, копретседател на нејзиниот изборен штаб пред поддржувачите собрани на Универзитетот Хауард.
За нејзините гласачи тоа беше знак да си заминат дома.
Од друга стана, пак, нејзиниот ривал, републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп се очекува да се обрати пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.
Тој веќе е на пат кон изборниот штаб каде се собрани неговите поддржувачи, најавиле од неговиот тим.
Трамп е во водство на изборите, а медиумите веќе проектираа дека тој победил и во две (Џорџија и Северна Каролина) од седумте сојузни држави кои се сметаат за клучни за исходот од изборите.
Видете и ова: Проекции: Трамп победи и во ЏорџијаСпоред американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Првиот што ќе стигне до 270 електори ќе биде 47. претседател на САД.
Проекциите на медиумите во моментов говорат дека Трамп има 246 електорски гласови, наспроти Харис со 214.
Доколку 78-годишниот Трамп победи на изборите, ќе биде најстариот претседател според возраста во моментот на инаугурацијата, првиот осуден претседател, а само вториот кој ќе служи два мандати кои не се последователни – еден по друг.