Трамп засега е во водство

Поранешниот претседател Доналд Трамп, републикански предизвикувач, и натаму има предност на претседателските избори во САД, со победи во повеќето традиционално републикански држави, вклучително и Северна Каролина, првата држава „бојно поле“ , стеснувајќи го патот до победата на демократите и нивниот кандидат, потпретседател Камала Харис.

Според неофицијалните проекции на американските медиуми, Трамп води пред Харис со 230 гласови од Изборниот колеџ наспроти 205 на Харис. 270 гласови од изборниот колеџ се потребни за да стане Трамп 47-ми претседател на земјата.

Малку по 20 часот, според локално време, најголемата држава - Калифорнија, со 54 електорски гласови, според проекциите, се изјаснила за Харис, како што се очекуваше, како и државата Вашингтон.

Но, клучните држави од битката - Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин - сеуште се неизвесни.