Европската унија (ЕУ) го предупреди Косово дека и по 11 години не ја исполни клучната обврска од дијалогот што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово и го повика да го стори тоа без натамошно одлагање.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги потсети косовските власти дека секој предлог за Заедницата мора да биде разгледан со Србија и со ЕУ и да биде компатибилен со договорите од 2013 и 2015 година.
„Ова, исто така, значи дека Владата на Косово не може да подготви Статут на заедницата надвор од дијалогот (со Србија). Владата не може да се откаже од своите одговорности во рамките на дијалогот или да ги делегира на општините со мнозинско српско население“, вели Стано во писмена реакција до медиумите.
Ваквата реакција од Брисел доаѓа откако премиерот на Косово, Албин Курти, на 29 октомври изјави дека тој како шеф на владата не може да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Тој рече дека формирањето на Заедницата не треба да се наметнува и дека Косово веќе има асоцијација на општини, мислејќи на Заедницата на општини на Косово.
Осврнувајќи се на Нацрт-статутот на заедницата што ЕУ го достави до двете страни во октомври 2023 година, Стано оцени дека станува збор за документ кој се заснова на добри европски модели и практики како и на косовската правна рамка.
Овој нацрт, потсети Стано, беше начелно прифатен од двете страни на средбата на високо ниво одржана на 26 октомври во Брисел, на која учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Означувањето на европскиот нацрт-статут само како „нон-пејпер“ го игнорира повикот на Советот на Европската унија да дејствува врз таа основа и дополнително ги одложува изгледите за негово усвојување, предупреди Стано.
„Жалиме што една година откако партиите начелно го усвоија документот, не е постигнат напредок во неговото воспоставување во согласност со Европскиот нацрт-статут. Во согласност со декларираната посветеност на дијалогот и целосното спроведување на сите договори од дијалогот, го покануваме Косово да продолжи со формирањето на Унијата без натамошно одлагање“, вели Стано.
Тој рече дека се очекува Србија заедно со Косово да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација.
Косово и Србија се договорија за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово во 2013 година, а во 2015 година беше постигнат Договор за принципите за формирање на оваа Заедница. Минатата година тие го прифатија Договорот за нормализација на односите, а една од неговите точки бара на српската заедница во Косово да и се понуди одредено ниво на самоуправа. .
Во октомври 2023 година, претставниците на таканаречената „Големата петорка“ – Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Италија – ѝ ги претставија на Косово и на Србија нацрт-статутот на заедницата, кој треба да го реши прашањето за позицијата на српската заедницата во Косово и да ги заштити правата на српската заедница.