Техеран: Иранско-германскиот државјанин умре пред да биде егзекутиран

Џамшид Шармахд

Иран во вторник (5 ноември) соопшти дека иранско-германскиот државјанин Џамшид Шармахд, кој беше осуден на смрт, починал минатата недела, односно пред да биде извршена неговата егзекуција.

„Џамшид Шармахд беше осуден на смрт, неговата егзекуција беше неизбежна, но тој умре пред да биде извршена“, им изјави портпаролот на судството Асгар Џахангир на новинарите во Техеран, без да даде детали.

На 28 октомври, Иран објави егзекуција на 69-годишниот Шармахд, кој беше осуден на смрт во февруари 2023 година за делото „корупција на Земјата“ поради неговата улога во „терористички“ напад во 2008 година.

Казната подоцна беше потврдена од Врховниот суд.

Џахангир рече дека иранскиот судски систем го судел Шармахд „како Иранец за терористичките дејствија што ги извршил“.

„Дури и да не беше Иранец и да извршил злосторства во Иран, според законите и прописите, ние имавме право да се справиме со неговите злосторства“, додаде тој.

Видете и ова: Ирански активист осуден на смртна казна поради пост на социјални мрежи

Шармахд беше осуден за улога во бомбашкиот напад во џамија во 2008 година во јужниот град Шираз, во кој беа убиени 14 лица, а 300 беа ранети.

Неговото семејство рече дека тој бил фатен од иранските власти во 2020 година додека патувал низ Обединетите Арапски Емирати.

Иран, кој не признава двојно државјанство, го објави неговото апсење по „сложена операција“, без да прецизира кога, каде и како бил уапсен.

Шармахд беше обвинет и дека ја водел групата Тондар, чија цел е да ја собори Исламската република. Иран ја класифицира оваа група како терористичка организација.

Германија го осуди Иран по објавувањето на неговата егзекуција, а министерката за надворешни работи Аналена Бербок рече дека тоа покажува каков „нехуман режим владее во Техеран“.

Бербок подоцна објави дека три ирански конзулати во Германија ќе бидат затворени како резултат на тој потег, што пак предизвика „силен протест“ од Исламската република.