Нов протест на грузиската опозиција пред Апелациониот суд

Протест на грузиската опизиција во Тбилиси, Грузија, 4 ноември 2024 година

Грузиската опозиција најави нови демонстрации на 5 ноември во знак на протест против резултатите од парламентарните избори на 26 октомври на кои победи владејачката партија Грузиски сон. Опозицијата обвинува за широко распространето лажирање на гласови и нерегуларности на избирачките места.

Протестот е најавен за 15 часот по локално време пред Апелацискиот суд во Тбилиси и доаѓа откако илјадници демонстрираа во главниот град втора ноќ по ред на 4 ноември барајќи нови избори.

Апелациониот суд на Грузија треба да ги разгледа одлуките на локалните судови во градовите Тетрицкаро и Гори во врска со неправилностите за време на гласањето на 26 октомври.

Судот во Тетрицкаро ги поништи изборните резултати на 30 избирачки места поради нарушување на тајноста на гласањето, додека судот во Гори нареди пребројување на неважечките ливчиња од 15 избирачки места.

Во Тецикаро, судијата Владимир Кучуа пресуди во корист на жалбата поднесена од граѓанската група наречена Здружение на млади правници, одлучувајќи да го поништи резултатот на 30 избирачки места врз основа на доказите презентирани од групата.

Видете и ова: Што ни покажаа Молдавија и Грузија за отпорот против руското влијание?

Централната изборна комисија на Грузија ги оспори одлуките на двата суда, прогласувајќи ги за неосновани.

Партијата Грузиски сон, која важи за блиска до Русија, е на власт од 2012 година. Таа, според прелиминарните резултати, победи на изборите со речиси 54 отсто од гласовите.

Опозицијата и проевропската претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, одбија да ја признаат валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.

На митингот на 4 ноември, лидерите на опозицијата повикаа на континуирани протести и граѓански отпор до поништување на изборните резултати и распишување нови избори.

Видете и ова: Грузиското обвинителство ја повика Зурабишвили како сведок во истрагата за изборнa измамa

Илјадниците учесници на митингот, во кој беше вклучена и шведската активистка за климата, Грета Тунберг, се собраа во близина на Домот на правдата и маршираа околу 5 километри веејќи грузиски и знамиња на Европската Унија низ главниот град на Грузија, пред да го завршат својот протест на плоштадот Марјанишвили во Тбилиси.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека Соединетите Држави јасно ставиле до знаење дека го поддржуваат народот на Грузија и нивните надежи за пристапување во Европската Унија.