Вработените во Боинг го прекинаа штрајкот

илустрација

Штрајкот на десетици илјади вработени во Боинг завршува по седум недели, бидејќи работниците ја прифатија подобрената понуда од американскиот производител на авиони, вклучително и зголемување на платите за 38 отсто во текот на четири години, соопшти синдикатот на ИАМ, јави ДПА.

Членовите на синдикатот гласаа со 59 отсто „за прифаќање на предлогот и враќање на работа“, соопшти Синдикатот.

„Работниците можат да се вратат на работа веќе на 6 ноември 2024 година, за оние членови кои сакаат да се вратат што е можно побрзо“, наведува Синдикатот.

ИАМ, кој има околу 33 000 членови во Боинг, додаде дека работниците „мора да се вратат на работа“ до 12 ноември, додавајќи дека „штрајкот е завршен“.

Видете и ова: „Боинг“ планира да отпушти десет проценти од работниците

Пред една недела, работниците со големо мнозинство гласаа против понудата за покачување на платите од 35 отсто во текот на четири години, а 94 отсто го отфрлија предлогот. Во средината на септември, тие веќе ја одбија првата понуда на Боинг, која вклучуваше зголемување на платите за 25 проценти, со мнозинство од речиси 95 отсто.

Новиот договор вклучува и еднократна исплата од 12 000 долари. Синдикатот веќе преговараше за задржување на исплатите на бонус, кои првично требаше да бидат укинати, како дел од втората понуда.

Вработените во Боинг прифатија неколку замрзнувања на платите во изминатата деценија и бараа значително зголемување. Боинг, со работна сила од околу 170.000 вработени, неодамна ги објави плановите за укинување на 10 посто од работните места.