ВМРО и СДСМ би оделе на предвремени избори, поделени ставови во албанскиот блок

Илустрација- гласање на избори, фотографија од двојните (претседателски и парламентарни) избори на 8 мај 2024 година.

Како СДСМ подготвени сме да одиме на какви било избори од денеска натаму. Вака одговори опозицискиот лидер Венко Филипче, денеска (4 ноември) од Собранието, по повикот за изборно соочување идната година, кој премиерот Христијан Мицкоски го упати од собраниската говорница на 31 октомври.

„Тоа што има таква најава на само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче кој вели дека е сигурен оти во секој следен чекор на избори ќе бидат посигурни и поуспешни.

Повикот на Мицкоски тој го гледа и како кокетирање со ДУИ и пред како порака до коалицијата Вреди и до ЗНАМ, кои очигледно, како што рече, веќе имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка.

Видете и ова: Мицкоски: ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време

За ова прашање се огласија и од опозицијата во албанскиот политички блок. Таму ставовите се поделени.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на социјалните мрежи објави дека и тие се подготвени граѓаните да го кажат својот збор и да кажат за кој пат се, по една ипол година од актуелната влада.

Од Вреди, пак, порачаа дека не е време за дополнителни трошоци.

„За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време. Бидејќи секое прогласување на избори значи 6 месеци пред и по изборите запирање на сите постапки, сите јавни набавки, вработувања“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.

„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори, да одиме, да се провериме. Еве, заедно со локалните да направиме и едни парламентарни, па да одиме. Ако сакате, јас немам проблем, еве сега да ја договориме работава“, рече премиерот во Собранието.

Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.

СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.