Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад

Српскиот Министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ на вонредна прес-конференција во Владата на Србија, Белград, 5 ноември 2024.

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ најави дека на 5 ноември официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад.

Тој на вонредна прес-конференција рече дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“.

„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, рече Весиќ, додавајќи дека поднесува оставка „од морални причини поради несреќата бидејќи се случила во ресорот кој го води“.

Тој изјави дека како министер „не донел ниту еден акт што може да има влијание врз исходот на проектот“ за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и го повика Обвинителството да утврди одговорност за смртта на 14 лица.

Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата, а својата намера му ја соопштил и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Изјави и дека „сите овие денови трпел навреди и напади од оние кои се обидуваат да ја злоупотребат секоја трагедија“.

Видете и ова: Трет ден жалост во Нови Сад, продолжува истрагата за несреќата на железничката станица

Оставката на Весиќ доаѓа откако 14 лица загинаа, а три лица беа тешко повредени по уривањето на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември.

Од тој ден, дел од опозицијата, активисти и граѓани бараат одговорност од властите, а на протестот пред Министерството за градежништво и Владата на 3 ноември во Белград беше побарана итна оставка од Горан Весиќ.

Здружената новосадска опозиција побара оставки од српскиот премиер Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Несреќа на железничката станица во Нови Сад

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво, Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 ноември) изјави дека е „сигурен“ дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е одговорен за трагедијата.

Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.

Надлежните тврдат дека бетонската настрешница пред главниот влез на зградата на станицата не била вклучена во реконструкцијата.