Иран, во услови на зголемени тензии со Израел, погуби Евреин осуден за убиство, обвинение кое неговото семејство го негира, тврдејќи дека дејствувал во самоодбрана откако бил нападнат.
Новинската агенција Мизан, која е поврзана со иранското правосудство, го цитира Хамидреза Карими, обвинител на иранскиот град Керманшах, кој рекол дека Арвин Гахремани (23) бил погубен денеска (4 ноември).
Гахремани, кој тогаш имаше 18 години, беше прогласен за виновен за бодење до смрт на муслиман, пред сала за вежбање во Керманшах, во 2022 година.
Жртвата му должела пари на Гахремани и, според неговото семејство, тоа довело до конфликт.
Семејството вели дека жртвата била вооружена, а Гахремани дејствувал во самоодбрана, додавајќи дека дури се обидел да и помогне на жртвата да преживее по конфронтацијата.
Откако беше осуден на смрт, адвокатите на Гахремани не успеаја да го убедат семејството на жртвата, чиј идентитет не е објавен, да го помилува и да му го поштеди животот.
Исламскиот закон предвидува кизас или одмазда во случаи на убиство.
Сепак, групите за човекови права долго време тврдат дека законот ги дискриминира оние кои не се муслимани, а кои често добиваат построги казни од муслиманите осудени за слични прекршоци.
Адвокатите на Гахремани три пати бараа повторно судење, но иранскиот суд ги одби барањата.
Здружението „Иран за човекови права“ со седиште во Норвешка, ја осуди егзекуцијата на Гахремани, за кој велат дека имал 20, а не 23 години.
Тие, исто така, ја оспорија вината на Гахремани, велејќи дека жртвата него го нападнала со нож. Велат дека семејството на жртвата првично се согласило да го поштеди Гахремани, но се предомислиле кога дознале дека тој е Евреин.
„Арвин беше Евреин и институционализираниот антисемитизам во Исламската Република несомнено одигра клучна улога во извршувањето на неговата казна“, рече Махмуд Амири-Могадам, директорот здружението, додавајќи дека случајот има „значајни недостатоци“.
Евреите се малубројно малцинство од околу 20.000 во Иран, претежно шиитска муслиманска нација со речиси 92 милиони жители.
Видете и ова: Израел соопшти дека убил командант на Хезболах во ЛибанИзраел и палестинската група Хамас, водат војна во Појасот Газа во која, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, а повеќе од 250 заложници беа заробени и однесени на палестинската крајбрежна територија откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.
Потоа, во израелските напади во Појасот Газа, според тамошното Министерство за здравство, загинаа 43.374 луѓе, додека поголемиот дел од територијата беше претворена во урнатини.
Хамас е поддржан од милитанти на Хезболах од Либан, а двете групи уживаат поддршка од Иран.
Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Вашингтон го означи Хезболах како терористичка организација, додека Брисел го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија.
Многу Евреи избегаа од Иран по Исламската револуција во 1979 година, кога новиот режим усвои остар антиизраелски став, вклучително и непризнавање на правото на Израел да постои.