Трет ден жалост во Нови Сад, продолжува истрагата за несреќата на железничката станица

илустрација

Во Војводина е трет ден на жалост за 14-те жртви од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Тројца од повредените сè уште се во критична состојба, а обвинителството досега сослушало 40 лица меѓу кои и министерот Горан Весиќ.

Животите на трите лица кои беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад сè уште се во опасност.

Новосадската опозиција најави голем протест за вторник во 18 часот пред железничката станица.

Граѓаните бараат оставки од министерот за градежништво Горан Весиќ, премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуровиќ.

Во моментов главна полемика се води за прашањето за настрешницата што се урна, дали е реконструирана или не. Претставници на властите и на кинеската компанија која ја реконструираше Железничката станица тврдат дека настрешницата не е реконструирана, а инженерите и граѓаните го тврдат спротивното, дека е реконструирана.

Видете и ова: Што досега се знае за несреќата во Нови Сад?

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорените во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.

Се собира доказен материјал меѓу кои е и документацијата на Министерството за градежништво, која ќе биде предадена на стручни лица на понатамошна обработка.

Во несреќата загинаа 14 лица, меѓу кои и еден државјанин на Северна Македонија.