Во вториот круг од претседателските избори, Молдавците гласаат во поголем број од вообичаеното избирајќи помеѓу проевропската актуелна претседателка и нејзиниот ривал, близок до Русија.
Нацијата со овие избори се наоѓа на политичка раскрсница – избира помеѓу Исток и Запад.
До 17 часот по локално време, Централната изборна комисија објави дека излезност е 47 отсто, што е повисока од првиот круг пред две недели, но и од вториот круг од претседателските избори во 2020 година.
Актуелната претседателка Маја Санду победи во првиот круг на 20 октомври со 42 отсто од гласовите наспроти 26 отсто кои ги доби поранешниот генерален обвинител Александр Стојаногло, кој доби поддршка од проруската Социјалистичка партија на Молдавија.
Видете и ова: Молдавија гласа во втор круг од претседателските избориИзбирачките места беа отворени во 7 часот и треба да се затворат во 21 часот по локално време. Прелиминарните резултати се очекува да излезат во 22 часот, а првите значајни резултати најверојатно околу полноќ.
Во изјава пред новинарите по гласањето во Кишињев, Санду рече дека гласала „со Молдавија“.
„Крадците сакаат да ни го купат гласот, сакаат да ја купат нашата земја, но моќта на народот е бескрајно поголема од секоја нивна злоба. Моќта на Молдавија е во секој од вас, излезете да гласате со вера и надеж. Главата горе, Молдавци!“, рече таа.
Изборите се одржуваат во атмосфера на обвинувања за руско мешање во претседателската трка и во референдумот за потенцијалната понатамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, курс што го поддржуваат Санду и нејзините поддржувачи.
Референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ, одржан истовремено со првиот круг од претседателските избори, помина со мала разлика – 50,38 отсто беа за проевропската струја, и покрај тоа што таборот „не“ беше во водство на почетокот на броењето на гласовите.
Но, Санду набрзо излезе со тврдења дека „криминалните групи заедно со странските сили“ се обиделе да „купат 300.000 гласови“ што значително влијаеше на конечниот резултат за разлика од тоа што го покажуваа анкетите пред гласањето.
Анкетите, исто така, покажаа дека Санду лесно победи во првиот круг од претседателските избори, но социјалистичкиот предизвикувач Стојаногло изненади со подобар резултат од очекуваниот обезбедувајќи втор круг од гласањето.
Советникот за национална безбедност на Санду на социјалната мрежа Икс објави тврдење за „масовно мешање“ на Русија во вториот круг.
„Напор со висок потенцијал да се наруши исходот“, рече Станислав Секриеру во својата објава не давајќи повеќе детали.
Видете и ова: Двајцата кандидати во трката за претседател на МолдавијаВо раните часови од гласање на 3 ноември беа пријавени повеќе неправилности, вклучително и инциденти со наводно фотографирање на гласачки ливчиња, метод кој гласачите во минатото ги користеа за да го докажат својот избор во потенцијалните случаи на купување гласови.
Анџелика Караман, шеф на изборната комисија, рече дека до 16 часот, официјално се пријавени 18 случаи на наводна изборна корупција, додека полициските власти соопштија дека регистрирале најмалку 126 приговори за изборни прекршувања.
Молдавија има нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.
Во дијаспората, гласачките места за Молдавците во Јапонија и Кина беа меѓу првите кои се затворија.
Во Токио, официјалните лица објавија дека Санду победила со 58 наспроти 7, додека во Пекинг, таа освоила 59 од вкупно 73 гласови.
Противкандидатот на Санду, Стојаногло може да добие дополнителна поддршка од националистичките и проруските групи во вториот круг, што веројатно ќе ги загрози надежите за реизбор на Санду.
Педесет и двегодишната Санду дипломирала на Харвард и е поранешен вработен во Светска банка. Таа стана првата жена претседателка на Молдавија, со убедлива победа во 2020 година кога настапи со силна проевропска порака и ветување за борба против корупцијата.
Но, нејзината поддршка опадна поради пандемијата на коронавирус и уништената економија, како и зголемените тензии со Русија.
Како претседателка, Санду одигра клучна улога во обезбедувањето на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ, што стана особено важно по руската инвазија на Украина започната неколку месеци претходно.
За време на нејзиниот претседателски мандат, Санда беше критикувана од про-Кремљ политичките партии кои ја обвинија дека го поттикнува конфликтот со Москва.
Видете и ова: Што ни покажаа Молдавија и Грузија за отпорот против руското влијание?Стојаногло (57) беше главен обвинител на Молдавија помеѓу 2019 и 2021 година и неговата кампања беше посветена на законот и редот, иако беше критикуван за наводен неуспех да се справи со корупцијата на високо ниво.
Стојаногло остана на ставот дека не е политички определен и ги отфрли обвинувањата дека е „човек на Москва“. Неговата реакција на војната во Украина беше двосмислена, изјавувајќи дека има „негативен став“ за конфликтот, но директно не ја осуди Русија за инвазијата.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа со значително руско малцинство и со сепаратистичкиот регион Придњестровје на левиот брег на реката Днестар, кој е поддржан од Москва.