Затворени училишта и работа од дома во Лахор, градот со најзагаден воздух во светот

Ларох, Пакистан.

Невиденото ниво на загаденост на воздухот во Лахор, вториот по големина град во Пакистан, ги принуди властите да преземат итни мерки, вклучително и затворање на основните училишта и издавање наредби за работа од дома.

Индексот за квалитетот на воздухот на 3 ноември во овој град со повеќе од 14 милиони луѓе во близина на индиската граница, се искачи над 1.000 – далеку над нивото од 300 што се смета за „опасно“, според швајцарската фирма IQAir.

Регионалната влада на Пенџаб оцени дека загадувањето е „невидено“, а обвинувањата ги насоки кон загадувачите кои користат дизел гориво, палењето на земјоделските површини и процесите за загревање.

Видете и ова: Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух

Според IQAir, нивото на честичките ПМ 2,5, кои предизвикуваат најголема штета по здравјето на луѓето, во моментов е 44,4 пати повеќе од препорачаната вредност според СЗО.

Загадувањето и здравствените ризици што тоа ги носи подолг период се проблем за Ларох и другите околни градови.

Најновите мерења го искачија градот на врвот на листата најзагадени во светот.

Властите одлучија да ги затворат основните училишта на една недела и ги повикаа родителите да се погрижат нивните деца да носат маски.

„Временските прогнози за следните шест дена покажуваат дека ветровите ќе останат исти. Затоа, ги затвораме сите државни и приватни основни училишта во Лахор на една недела“, изјави за агенцијата Франс прес Јахангир Анвар, висок претставник за заштита на животната средина во Лахор.

Властите ги повикаа жителите да останат во затворени простории и да не ги отвораат вратите и прозорците.

50 отсто од вработените во владините институции, како и во приватните фирми, од 4 ноември ќе може да работат од дома.

Властите ќе ги преиспитаат мерките на 10 ноември.

Вината официјални лица ја гледаат и во тоа што загаденоста на воздухот во соседна Индија која доаѓа до градот благодарение на ветровите, па порачуваат дека за проблемот мора да се разговара и со оваа држава.

Видете и ова: Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздух

Во извештајот за 2019 година, Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго наведе дека „жителите на градовите низ Азија плаќаат најскапа цена“ од загадувањето.

„Ако сегашните концентрации на загадувањето на воздухот се одржат, жител на поголемите азиски градови како Пекинг, Лахор и Делхи ќе живе најмалку пет години пократко отколку што би живеел ако воздухот ги исполнува стандардите утврдени од Светската здравствена организација“, беше констатирано во извештајот.